ШАРПЛАНИНСКИ КУП

НАЈСТАРАТА ТРАДИЦИОНАЛНА СКИЈАЧКА МАНИФЕСТАЦИЈА НА БАЛКАНОТ

                Шар Планина, една од најголемите и најбогати со природни реткости планини на Балканскиот Полуостров. Со својот голем масив, со 50 врвови над 2000 метри и  25 врвови над 2.500 метринадморска височина, а должина на гребен од околу 80 км., Шар Планина се одликува со идеални услови за развој на зимските спортови. Можностите за развој на овие спортови како и на зимскиот туризам се речиси неисцрпни. Токму затоа, уште во средината на 20-тите години на минатиот век се појавиле и првите скијачи, планинари од Тетово, кои скијањето го започнале на пострмните делови на градот и некои ливади на подножјето на планината. Кон крајот на дваесеттите години и почетокот на 30-тите, тетовските и скопските скијачи за првпат го откриваат пределот околу врвот Попова Шапка во зима и останале стаписани од убавините, белината на непрегледните масиви и километарските патеки за скијање. Од тогаш започнува историјата на, како што многумина до сега го нарекле, бисерот на Шар Планина и еден од најпознатите скијачки центри на Балканот, Попова Шапка.


Понатаму настаните во скијањето на Попова Шапка, од година во година се побргу се одвиваат и збогатуваат. Во 1929 година формирана е првата скијачка секција на Планинарското друштво Љуботен.

Во 1930 година Цоне Аврмовски е првиот тетовчанец кој завршил стручен курс за инструктор по скијање. Истата година било одредено местото за првиот планинарско – скијачки дом на Попова Шапка.  Во 1932 година отворена е и првата скијачка секција при Соколскиот дом, раководен од Аврамоски, со што се овозможила организирана обука. Во овие години, Попова Шапка е сѐ попосетена од скијачи, не само од Тетово, туку и од Скопје, Белград, Нови Сад и скијачи од Словенија. Покрај Цоне да споменеме и некои од пионирите на скијањето во Тетово: Никола Николовски Коларот, Александар Николовски, Владо Лешкоски, Микле Најденовски, Диме Јовановски Флејта, Никола Штејн, Ристо Ристоски, Иљо Антевски Смок, Александар Исаески Мошо, Александар Јовановски Пуљпуљ, Никола Гугувче, Кочо Богојевиќ, Леко Мартиновски, Виктор Аќимовиќ, Орестије Крстиќ, Жика Миљковиќ, Никола Ветери др. Тука се и ентузијастите од Скопје: Гого Попов, Никола Костоски, Слободан Ѓорѓевиќ, Милан Радин и др.

Меѓу првите скијачи е и Нуриман Велију, познатиот скијачки ас од село Лисец, кој прв во селото и покрај конзервативната средина се придружил на тетовските и скопски скијачи, неговиот дом го претворил во преноќиште за скијачите, во следните години и децении ќе биде неколкукратен првак на скијачките натпреварувања на Попова Шапка. Тој во своето село формирал скијачко друштво Шар, од кој подоцна ќе произлезат врвни скијачи, меѓу кои и скијачката легенда Рефик Јаја.

    Во 1934 година отворен е првиот планинарско-скијачки дом, кој дал нов импулс на скијачкиот спорт, особено по неговото проширување во 1937 година. Во истата 1934 година, на крајот од февруари е организиран првиот скијачки натпревар во Македонија. Од таа година, секоја сезона се одржувале скијачки натправари со се поголем број на скијачи од Македонија и околните земји, а тоа траело се до почетокот на Втората светска војна. За овие натпревари можеме слободно да кажеме дека се предисторијата на Шарпланинскиот Куп.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

По војната скијачките и планинарски ентузијасти од Фискултурно Друштво - Љуботен и граѓаните на Тетово, започнале со возобновување на разрушениот во војната, дом кој бил пуштен во употреба во 1946 година.

                Со ова за првпат се создале услови за организирање на првиот Шарпланински куп, како првенство на ФНРЈ во смучање во алпска дисциплина со меѓународно учество. Организатор на првиот куп бил Планинарско – скијачкиот Сојуз на Македонија со локална подршка на планинарско-скијачката секција на фискултурното друштво Љуботен. Земји учеснички биле Југославија, Бугарија, Романија и Унгарија во машка и женска конкуренција.

Во првиот ден, одржан е натпревар за мажи во дисциплината спуст на патеката долга 4,5 км, со старт на врвот Церипашина на 2.525 метри и височинска разлика од 850 метри. На првиот смук, како што тогаш се нарекувалспустот учествувале дури 119 натправарувачи. Истиот ден е одржан и спустот за жени со патека долга 2,5 км и височинска разлика од 320 м, во конкуренција на 11 натреварувачки. Вториот ден се одржал слаломот за жени и мажи на стаза долга 460 метри и височинска разлика од 110 метри на 45 поставени капии. Севкупни победници биле Сикло Петер од Унгарија и Вида Катник од Словенија. Нивните имиња се влезени во историјата на ова долгогодишно и повеќедецениско натпреварување и воедно се изгравирани на големиот преоден пехар кој симболично ги спојува сите генерации на натпреварувачи и претставува најдрагоцен симбол на Шарпланинскиот куп.

(Фотографии од Шарпланинскиот Куп 1947 година)

Во изминатите 66 години одржани се точно 40 натпреварувања, достојна бројка за одбележување. Овие натпреварувања можат да се поделат во неколку периоди, со оглед на нивните повремени прекини, но и специфичните околности кои влијаеле и во развојот или стагнацијата на купот.

 Првиот период бил од 1947 – 1953 година, кога купот всушност ја преброде и првата политичка криза. Имено, со информбирото од 1948 година, тогашна Југославија се најде под политичка блокада на источноевропски социјалистички држави, па во следните години до 1953 година, Шарпланинскиот куп беше бојкотиран од репрезентациите на овие држави. 

Од 1953 година учесници на купот се скијачи на најреномираните скијачки репрезентации Австрија, Швајцарија, САД, Франција и т.н. Тоа е еден од факторите Шарпланинскиот куп таа година да се квалификува во ФИС – Б натпреварвање, односно, резултатите од овој куп да се бодуваат според ранг листата на Меѓународната скијачка федерација. Така ќе продолжи се до 1957 година по што доаѓа до прекин на натпреварувањето. После неуспешниот обид за возобновување на купот во 1963 година и  преголемата желба за понатамошно одржување на купот и потребата Македонија да има едно такво скијачко меѓународно натпреварување вродило со плод во следниот период кој започнал од  1967 година, кога настапува периодот на највисоко рангирање на Шарпланинскиот куп.

Имено, од 1969 година Шарпланинскиот куп добива ранг на Европски куп и тоа траело се до 1986 година. После овој период настапува пауза од 8 години, кога една нова генерација на тетовски ентузијасти од  Скијачкиот клуб Љуботен ја продолжува традицијата на ФИС натпреварување, кое во 1999 година повторно добива препорака за Европски куп. За жал ваквата тенденција не продолжила особено по конфликтот од 2001 година кој го зафати овој регион на Р. Македонија, па во периодот од 2003 до 2006 година се организираат уште 4 купа по што доаѓа повторно до пауза од три години. Во 2009 година, со заедничка иницијатива на СК Љуботен, неколку ентузијасти од Тетово и големата подршка на компанијата ЕЛЕМ, полека но сигурно, Шарпланинскиот куп го враќа сјајот и се стреми кон достигнувањата за ранг од европски куп. За оставрување на овие цели, компанијата ЕЛЕМ, заедно со Владата на Р. Македонија, превзема сериозни чекори за враќање и надминување на некогашниот сјај на скијачкиот центар Попова Шапка. Пред сѐ, во ревитализација на старите скијачки патеки, отворање на нови, инсталирање на машини за вештачки снег, ноќно скијање, нови жичарници и модернизирање и проширување на сместувачките капацитети како еден од неминовните услови за зголемување на рангот на натпреварот и пред се за претворање на Попова Шапка во еден од најголемите скијачки центри на Балканот и пошироко.

  

 Шарпланинскиот куп во својата долга историја памети многу интересни трки и херои на своето време. Така во 40 -тите години на 20. век беше словенецот Тине Мулеј. Во 50-тите е незаборавниот австриец Ернст Оберајгнер. Во 60-тите години неговиот сонародник Леополд Грубер. Во 70-тите години паметиме неколку имиња со светско реноме со оглед на тогашниот ранг на европски куп, но ги издвојуваме италијаните Коло Габриеле, Леонардо Давид и Ѓузепе Платнер. Во 80-тите години, силен впечаток оставија резултатите и скијањето на русинот Александар Жиров. Уште се свежи сеќавањата на еден од најдобрите скијачи кои учествувале на Шарпланинскиот куп во 90-тите години, италијанецот Матео Нана, Секоја нова генерација си носи освои херои, така било, така и ќе биде. Од 39 досегашни натпреварувања, на 12 од нив се натпореварувале и скијачи во женска конкуренција

 

 

 (Прогласување на победници)

Во оваа пригода треба да ги споменеме и стотиците и стотици волонтери од Тетово, но и од селото Лисец, Скопје, Битола, Крушево, кои несебично и со ентузијазам  работеле за непречено одржување на сите натпреварувања. Без овие спортски работници, педагози, некогашни скијачи и вљубеници на Попова Шапка и Шарпланинскиот куп, не само што не било можно да се организира, туку ова легендарно натпреварување за Македонија не би ги имало приказните, а кога ги нема приказните, нема мотив за уште многу други натпреварувања.Сите тие генерации на скијачи и скијачки работници, во различни услови, но со истиот спортски жар, ги испишуваа страниците на спортската историја.Како и тогашните генерации и ние денес повторно уживаме во убавините на Шар Планина и повторно сонуваме за нови успеси на скијачките патеки.

 







Јазик

     

Временска Прогноза

Спонзори








Facebook

Scroll to top