Од 22 до 24 февруари оваа година, ќе се одржи 40-тото издание на  најстарата скијачка манифестација во Македонија - Шарпланински куп. Ова традиционално натпреварување и оваа година ќе биде под покровителство на Владата на Република Македонија, генерален спонзор АД Електрани на Македонија, спонзори Македонски Телеком и МЕПСО. Директор на натпреварот повторно ќе биде скијачката легенда- Бојан Крижај, а учесниците ќе се натпреваруваат во две трки во машка конкуренција - велеслалом и слалом,  на патеките Орлова и Езерино на Попова Шапка.

Победникот, покрај паричната награда, традиционално ќе добие и куче шарпланинец, што е дел од славеничкиот ритуал на оваа манифестација.Со цел да се искористи потенцијалот на Попова Шапка, АД Електрани на Македонија изработија Мастер План за инвестиции во овој туристички центар кој план го усвои Владата на Република Македонија, со што се создаваат услови од идната година Шарпланинскиот куп повторно да се кандидира за натпревар за Европскиот куп, а Македонија да биде на мапата на важните интернационални спортски збиднувања.

„На моја особена радост, Шарпланинскиот куп годинава го прославува своето 40 то јубилејно издание, играјќи голема улога во популаризацијата на овој спорт, со години наназад, обединувајќи врвни скијачки имиња и овозможувајќи одлични натпревари на патеките на Попова Шапка. Се надеваме дека оваа година ќе има ушѕе поголем одзив и дека учество ќе земат поголем број на скијачи, а особено македонски натпреварувачи. Се трудиме да обезбедиме најдобри услови за квалитетен натпревар, земајќи ги во предвид искуствата и  укажувањата од експертите од минатите години. Се надеваме на успешно јубилејно издание и продолжување на традицијата на купот уште долги години. “ – изјави Претседателот на Организацискиот одбор, г. Димитар Танурков.

Најстариот меѓународен скијачки натпревар на балканот, Шарпланински куп, за прв пат е одржан од 21 до 23 Март далечната 1947 година на Попова Шапка. Од таа година овој скијачки натпревар почнува да ја трасира бескрајната бела патека на „скијачкиот караван“. Во 1953 г. станува дел од ФИС Б натпреварите, а од 1969 г. до 1986 г. е натпревар за Европски куп во скијање.

По осамостојувањето на Македонија и неколкуте години пауза, во 1994 г. повторно се враќа ентузијазмот за заживување на оваа манифестација, а во 1999 година Шарпланинскиот куп повторно се кандидира за натпревар за Европскиот куп во скијање.

Минатата година на купот учествуваа 33-ца учесници од Грција, Словенија, Австрија, Босна и Херцеговина, Косово, Израел, Турција, Албанија, Белгија, Велика Британија, Франција и Македонија. За севкупен победник на 39-тиот  Шарпланински куп беше прогласен Грегор Брајовиќ од Словенија. Второто место го освои Игор Лаикерт (Босна и Херцеговина), а третото место му припадна на нашиот македонски претставник Дардан Дехари.

 







Јазик

     

Временска Прогноза

Спонзори








Facebook

Scroll to top